13 ноември 2025, Скопје – Создавање и одржување предвидливо, стабилно и транспарентно финансиско окружување е еден од приоритетите на Владата со цел приватниот сектор да се развива, а граѓаните и компаниите да имаат доверба во институциите. Ова беше пораката на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на Ерсте инвеститорискиот појадок којшто се одржува во Скопје во организација на Ерсте Групација и Шпаркасе Банка.
„Светската економија се наоѓа во период на прилагодување на новите монетарни политики, геополитички предизвици и брзи дигитални иновации. Во такви услови, како креатори на политики на национално ниво, внимателно ги следиме и анализираме глобалните текови и врз основа на тие сознанија носиме соодветни мерки. Нашата цел е да создадеме поволно бизнис-окружување и нови можности за економски раст“, рече Димитриеска-Кочоска
Таа потенцира дека и покрај предизвиците што ги носи глобалното економско окружување, домашната економија од средината на минатата година до вториот квартал од 2025 година бележи раст од над 3% и дека тоа говори за стабилизација на економската активност, отпорност на економијата и ефективност на политиките.
Посочи дека растот на економијата за оваа година е проектиран на 3,5% и дека се очекува таквиот тренд да продолжи и наредната година со раст којшто ќе изнесува 3,8%. Главен двигател се бруто-инвестициите, но значаен придонес има и кредитната поддршка за инвестициите, која во септември забележа раст од 16,5% во корпоративниот сектор, како и кредитната линија на Владата за финансирање инвестиции на приватни компании.
Таа пред присутните посочи дека Министерството за финансии континуирано работи на реформи во јавните финансии, поттикнување инвестиции и развој на нови финансиски инструменти коишто ќе ги поддржат иновацијата и конкурентноста.
Во таа насока, во изминатиот период во Министерството за финансии интензивно се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиски инструменти за инвестирање, како и нивно модернизирање и поедноставување. Нашата цел е да се допре до сите интересни групи и да се излезе во пресрет на интересот на граѓаните.
Оттука, имајќи го предвид интересот на граѓаните за државните хартии од вредност, во Министерството се подготвува нова емисија на граѓанска обврзница, која ќе биде наменета за граѓаните кои сакаат да инвестираат безбедно и директно. Со тоа го збогатуваме портфолиото на достапни инструменти и овозможуваме современ, едноставен, ефикасен и транспарентен систем за инвестирање.