14 ноември 2025, Скопје - Изработката на Буџетот за 2026 година претставуваше сериозен и комплексен предизвик, пред сè заради обврската на Владата за фискална консолидација, но со него се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето во Дневникот на Сител.
„Ова е процес кој логично требаше да биде спроведен од страна на претходната влада, особено во услови на висока инфлација. Но, тоа не се случи, па затоа целиот товар падна врз нас“, рече министерката.
Димитриеска-Кочоска потсети дека следната година државата треба да врати долгови во износ од 2 милијарди евра, создадени со крајно неодговорно и, како што нагласи, душманско и неконтролирано трошење во минатото, но увери дека граѓаните треба да бидат спокојни.
„Граѓаните можат да бидат спокојни – не станува збор за нов долг. Напротив, целта е стабилизација и консолидирање на јавниот долг, коешто веруваме дека ќе го постигнеме порано од проектираните рокови“, кажа министерката во гостувањето во Сител.
Како што кажа министерката, приходите се проектирани внимателно и реално, а со економскиот раст постои можност за надминување на планираните бројки. Расходите се прецизно планирани, со јасна аргументација за секое оптимизирање.
Министерката се осврна и на критиките за наводно кратење на социјалната помош, истакнувајќи дека бројот на корисници се намалува како резултат на подобреното управување и интеграцијата на дел од нив на пазарот на труд. Во исто време, лицата со попреченост остануваат врвен приоритет и се целосно покриени во Буџетот.
Во однос на капиталните расходи, Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките говорат за реални инвестиции. Заклучно со 13 ноември, реализацијата изнесува 22,1 милијарда денари, а според старата методологија таа достигнува 28 милијарди денари што е за 47,4% повеќе од претходната година.
„Буџетот за 2026 година предвидува 40 милијарди денари за капитални инвестиции, што е реално и остварливо ако се земат предвид капацитетите и состојбите на градежниот сектор“, рече Димитриеска-Кочоска.
Таа нагласи дека Буџетот ги опфаќа сите законски обврски на државата – кон пензионерите, работниците и приватниот сектор. Пензиите ќе бидат усогласени согласно законските обврски, вклучително и априлското зголемување од околу 1.000 денари и редовното усогласување во септември. Минималната плата и сите надоместоци, исто така, се пресметуваат согласно законската методологија.
„Буџетот за 2026 година е развоен, реален и одговорен. Граѓаните можат да бидат спокојни – државата е финансиски стабилна, сите обврски се покриени, пензиите и платите се безбедни, а капиталните проекти навистина се реализираат“, истакна министерката.