Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Со Предлог-буџетот за 2026 година обезбедуваме фискална консолидација, стабилност, раст и инвестиции како темели за подобар животен стандард

Димитриеска-Кочоска: Со Предлог-буџетот за 2026 година обезбедуваме фискална консолидација, стабилност, раст и инвестиции како темели за подобар животен стандард

14 ноември 2025, Скопје - Предлог-буџетот за 2026 година ја потврдува посветеноста на Владата кон стабилност, предвидливост и одговорно управување со јавните финансии. Овој буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за раст, инвестиции и сигурност за граѓаните, компаниите и институциите.
Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во експозето по Предлог-буџетот за 2026 година пред Комисијата за финансирање и буџет во Собранието.
Министерката истакна дека со него се продолжува стратегијата за рационално и дисциплинирано користење на јавните средства со цел одржлив економски развој и подобрување на животниот стандард.
„Буџетот за 2026 година е доказ дека можеме да управуваме паметно, дисциплинирано и визионерски дури и во време на глобални предизвици. Со овој документ, Владата ја зајакнува довербата во институциите, ја поддржува улогата на приватниот сектор како двигател на економскиот раст и создава услови за интензивирање на домашните и странските инвестиции“, кажа министерката и додаде дека со Предлог-буџетот за 2026 година Владата ја задржува конзистентноста во економските политики и континуитетот со Фискалната стратегија 2026 – 2030 година.
„И она што е најважно за оваа влада е тоа што не зборуваме многу туку испорачуваме. Ветивме постепена фискална консолидација, како пред граѓаните така и пред меѓународните финансиски институции и остануваме на ветеното“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Согласно Предлогот, во 2026 година се очекува економијата да забрза со реален раст на БДП од 3,8%, предводен од домашната побарувачка. Главен двигател ќе бидат бруто-инвестициите, како резултат на поинтензивната реализација на инфраструктурните проекти, како и вложувањата во енергетиката, железницата, земјоделството, образованието и здравството.
Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 2,6%, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, односно ќе има раст од 1,4% во насока на фискална дисциплина, а инфлацијата ќе се стабилизира на околу 2,5%, во услови на стабилни цени на меѓународните пазари.
Позитивните трендови ќе се одразат и на пазарот на труд – се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5%, а тоа ќе биде  резултат на отворањето нови производствени капацитети и проширување на постојните, како и на владините активни мерки и програми за вработување.
„Вкупно гледано, проекциите за 2026 година укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктурата и човечкиот капитал, како и на поттикнувањето на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија“, нагласи министерката.
Како што потенцираше, со Предлогот особен акцент е ставен на подобра наплата на сопствените приходи од страна на буџетските корисници, рационално користење на јавните средства, како и навремено и реално планирање на капиталните расходи. Системот на субвенции и социјални трансфери ќе биде редизајниран со построги критериуми за да се обезбеди целисходна распределба, додека фискалната дисциплина, транспарентноста и дигитализацијата на процесите ќе обезбедат поефикасни и поквалитетни јавни услуги.
„Вкупните приходи на Буџетот за 2026 година се планирани на ниво од 374,9 милијарди денари, а приходната страна е внимателно проектирана за да се обезбеди стабилна финансиска рамка во услови на глобална неизвесност. Расходите се планирани на ниво од 414,2 милијарди денари и се насочени кон обезбедување стабилно функционирање на јавните услуги, модернизација на инфраструктурата, подобрување на условите во здравството, образованието и социјалната заштита, како и континуитет на јавните инвестиции кои даваат долгорочен економски ефект. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 39,2 милијарди денари или на ниво од 3,5% од планираниот БДП, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година. На тој начин продолжуваме со спроведување строга фискална дисциплина“, кажа министерката и потенцираше дека нагорните очекувања за растот на БДП се директна последица од подобрената економска клима, зголемената доверба кај инвеститорите и засилената јавна инвестициска активност.
Согласно Предлогот, расходите за исплата на плати изнесуваат 52,6 милијарди денари, што е за околу 3 милијарди денари повеќе од 2025 година. Расходите за стоки и услуги се планирани на 27,9 милијарди денари, со минимално намалување од 0,5% во однос на претходната година
. За исплата на пензии се обезбедени 116,8 милијарди денари, вклучувајќи го зголемувањето во 2026 година според законските решенија. Обезбедени се 12 милјарди денари за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории. За активни мерки и политики за вработување, кои вклучуваат креирање програми за нови работни места, поддршка за млади, лица со попреченост и корисници на гарантирана минимална помош се предвидени 2,6 милијарди денари.
„Капиталните инвестиции, во висина од 40,2 милијарди денари, ги опфаќаат клучните проекти во транспортната, енергетската, образовната и здравствената инфраструктура. Фокусот на Владата е да обезбеди забрзано темпо на реализација со цел модернизација на земјата и подобрување на условите за живот на граѓаните и за стопанството“, рече Димитриеска-Кочоска.
Во делот на задолжувањето, министерката истакна дека во 2026 година се предвидува навремена и целосна отплата на обврските во вредност од 74,8 милијарди денари, при што политика на Министерството останува насочена кон стабилно управување со јавниот долг и обезбедување соодветна ликвидност во текот на целата година. Финансирањето на дефицитот, пак, ќе се врши преку  задолжување на домашниот и на странските пазари.
„Предлог-буџетот за 2026 година е уште еден доказ дека кога нешто ќе ветите мора и да го испорачате доколку сакате да ве препознаваат како сериозна влада, но и како сериозен партнер на меѓународната заедница. Секој денар од народните пари е планиран со цел да обезбеди максимален ефект за граѓаните и економијата, при строго почитување на буџетските лимити и постепено усогласување со фискалното правило од 3%. Нашата цел е јасна: преку усвоените политики и мерки за фискална консолидација да го намалиме буџетскиот дефицит, да го контролираме јавниот долг и да обезбедиме долгорочна фискална стабилност, која е темел за економски раст и подобар животен стандард за сите граѓани“, го заврши своето експозе министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на почетокот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет.

 

 

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност