24 септември 2025, Скопје – Централниот регистар одбележа 24 години постоење. На одбележувањето, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека Централниот регистар претставува столб на економската и правната инфраструктура и е клучна алка во креирањето поволна деловна клима, унапредувањето на транспарентноста и заштитата на правата на правните и физичките лица.

„Вмрежувањето и заедничкото градење институционални капацитети се клуч за силно и активно граѓанско општество. За да изградиме функционална пазарна економија што се темели на знаење, иновации и одржлив развој, мора да имаме силни институции и здрава деловна клима. Токму затоа соработката со Централниот регистар е од суштинско значење“, потенцира министерката.
Таа наведе дека во изминатиот период Централниот регистар се етаблираше како доверлива и современа институција, која има значајна улога во изградбата на ефикасен, транспарентен и модерен институционален систем и дека преку водењето на различните регистри обезбедува темелна поддршка за функционирањето на пазарната економија, заштитата на инвестициите и довербата во институциите и придонесува за зголемена правна сигурност и побрз економски развој.
Министерката истакна дека во насока на обезбедување статистички податоци и показатели за државната економија, кои ќе се користат за пресметка на индикаторите за мерење на обемот и за редовно следење на неформалната економија, ќе се работи на усовршување на системите за генерирање, следење и мерење на показателите за правните субјекти кои имаат влијание врз формирањето поволна деловна клима за инвеститорите.
Димитриеска-Кочоска ја потенцира и важноста на Централниот регистар во борбата против сивата економија, зголемувањето на фискалната дисциплина и унапредувањето на деловната етика.
„Мисијата на Министерството за финансии е преку успешно управување на јавните финансии да се постигне повисок економски раст и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните на Македонија, а за таа цел се преземени голем број иницијативи за подигање на нивото на финансиска писменост на населението. Во таа насока ги поздравувам и иницијативите на Централниот регистар, а сè со цел како институции да дадеме сè од себе во процесот на охрабрување на младите да водат сопствени бизниси“, рече министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.
На свеченоста се обратија и премиерот Христијан Мицкоски, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и директорката на Централниот регистар Анита Стамнова.