26 септември 2025, Скопје – Министерството за финансии вложува напори да создаде услови пазарот на капитал, како еден вид мотор на економијата, да работи посилно и постабилно. Тој е извор на енергија за компаниите што сакаат да растат, да иновираат и да отворат нови работни места, па оттука нашата цел е да создадеме современ, транспарентен и конкурентен пазар кој ќе ги следи европските стандарди, но и ќе одговара на потребите на домашната економија.

Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето обраќање на отворањето на Годишната конференција на Македонската берза, којашто се одржува во Охрид. Притоа, таа истакна дека овој традиционален настан е можност да видиме каде сме, каде одиме и што треба да направиме за да бидеме подобри, односно настан каде што се спојуваат новите знаења со искуството, каде што домашните компании се среќаваат со меѓународните партнери и каде што се раѓаат идеи кои подоцна се претвораат во реални проекти.
Наведувајќи дека домашниот пазар иако стабилен тој е релативно мал и често недостасува ликвидност, што е клучен фактор кога компаниите бараат долгорочни средства, особено малите и средните претпријатија, министерката потсети дека во август беше направен важен чекор со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за финансии на Македонија, Бугарија, Хрвтска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.
„Со овој чекор ја покажавме нашата решеност да не останеме изолирани туку да бидеме дел од една поширока регионална мрежа. Со поврзувањето на пазарите им даваме шанса на компаниите полесно да дојдат до капитал, да ја зголемат конкурентноста и да најдат партнери надвор од границите на земјата. На тој начин ние не само што го јакнеме пазарот на капитал, туку и ја поттикнуваме економијата да расте побрзо и поодржливо“, потенцира Димитриеска-Кочоска и изрази надеж дека со регионалната соработка, преку потпишувањето на овој Меморандум, ќе се обезбеди поголема дисперзија за тргување, односно ќе се зголемат и обемот и квалитетот на тргувањето.
Пред присутните таа истакна дека паралелно се работи и на регулаторната рамка и дека се усвоени измени на два клучни закона во оваа област - Законот за финансиски инструменти и Законот за проспект и транспареност на издавачите, а сѐ со цел сите учесници да имаат доволно време да се подготват и предвидената реформа да се спроведе квалитетно.
„Сакаме системот да биде стабилен, доверлив и да работи во интерес на сите. Да ги искористиме сите можности што се отвораат пред нас, да се поврземе повеќе, да си веруваме повеќе и да бидеме посмели во нашите чекори“, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Годишната конференција е традиционален настан којшто го организира Македонската берза, а на кој учествуваат претставници на клучни чинители на финансискиот сектор.
Покрај министерката за финансии, на отворањето на Конференцијата се обратија и извршниот директор на Македонската берза Иван Штериев и претседателот на Комисијата за хартии од вредност Бујаре Абази, а во воведниот дел говореа гувернерот на Народната банка Трајко Славески и главниот извршен директор на НЛБ Љубљана - Словенија Блаж Бродњак.