25 септември 2025, Скопје – ДДВ кон стопанството се враќа и тоа може да се види преку податоците на трезорот на Министерството за финансии, а во тек е и процесот на поврат на солидарниот данок кон компаниите кои го уплатија по основ на законско решение. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостувањето на ТВ 21.
„Податоците јасно покажуваат како се одвива повратот на ДДВ. Заклучно со 22 септември 2025 година, вкупниот поврат на ДДВ кон компаниите изнесува 24,850 милијарди денари, додека заклучно со 22 септември 2024 година повратот на ДДВ изнесувал 23,559 милијарди денари, односно имаме повисок износ на поврат за 5,5% или за 1,291 милион денари (20 милиони евра) во однос на минатата година“, рече министерката и додаде дека тоа се податоци што можат да се проверат.
Таа посочи дека доколку има реакции од одредени компании можеби станува збор за компании коишто се предмет на контроли во Управата за јавни приходи и дека врз тоа Министерството за финансии не може да влијае. Притоа наведе дека УЈП со поддршка од Светската банка, Меѓународниот монетарен фонд и Трезорот на САД изработи индикатори врз основа на кои констатира кои компании се поризични и треба да се проверат теренски.
Во гостувањето се осврна и на започнатата постапка за поврат на средства кон компаниите кои ги уплатија согласно Законот за данок на солидарност.
„Постапката за поврат на солидарниот данок кон компаниите е во тек и неа ја спроведуваме ние. Останаа уште неколку компании кои до овој момент немаат одговорено на прашањето што им го доставивмe, а кое претходно беше комуницирано во јавноста. Прашањето беше дали се согласуваат со она што го предлага Владата, а тоа е враќањето на солидарниот данок да се изврши на двапати - еднаш во март 2026 и еднаш во март 2027 година. Голем дел од компаниите одговорија и во најголем дел се согласуваат“, истакна министерката за финансии.
Таа додаде дека враќањето на средствата кои, како што рече, на еден нефер начин биле земени, е прилагодено согласно условите во Буџетот и притоа упати благодарност до компаниите што го прифатија доставениот предлог.