Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска-Кочоска: Растот на платите го надминува растот на цените – економијата се движи во позитивна насока

Димитриеска-Кочоска: Растот на платите го надминува растот на цените – економијата се движи во позитивна насока

27 август 2025, Скопје - Инфлацијата е предизвик низ цела Европа, но растот на платите во Македонија го надминува раст на цените што значи дека животниот стандард не е намален, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Дневникот на ТВ Сител.

„Кај нас, само во изминатата година, имаме раст на просечната плата од 10,1%. Во исто време, инфлацијата во последниот месец изнесуваше 4,8%, што значи дека животниот стандард не е намален – напротив, растот на платите е повисок од растот на цените“, изјави таа.

Министерката објасни дека Владата работи на краткорочни мерки за ублажување на ефектите од инфлацијата, но главниот фокус е на долгорочни структурни реформи и инвестиции.

„Инфлацијата е сложен проблем и нема „магично стапче“ за негово решавање. На кус рок можат да се применуваат мерки како што е замрзнувањето на цените или маржите, но на долг рок потребни се суштински реформи. Токму затоа постојано нагласувам дека е неопходно поголемо вложување во земјоделството. Најголем раст на цените бележиме кај овошјето и зеленчукот, а тоа е директна последица од недоволното производство и климатските услови. Базичната инфлација е таа што го создава најголемиот ценовен притисок, особено преку услугите во угостителството, а тоа, пак, е резултат на растот на просечната плата. Затоа се потребни подетални анализи за да можеме да направиме најреални проекции на инфлацијата и врз основа на нив да донесеме соодветни одлуки за даночната политика. Важно е да се нагласи дека минималната плата порасна за 5,6%, просечната за над 10%, а инфлацијата изнесува 4,8%. Тоа значи дека животниот стандард не е намален, напротив – за разлика од периодот кога опозицијата беше на власт. Ако се погледнат податоците може да се види дека тогаш просечната и минималната плата пораснале за околу 35%, но цените на храната се зголемиле за 39%. Тоа јасно покажува дека во тој период стандардот на граѓаните бил нарушен, додека сега имаме подобрување“, појасни министерката.

Во врска со барањето за покачување на минималната плата, министерката потсети дека таа пораснала за 5,6%, а просечната плата за над 10%, додека процесот на договарање на идната минимална плата се води во рамките на Економско-социјалниот совет, со поддршка од Владата.

„Таму треба да се договорат работодавците и синдикатите, а Владата не се меша во тој процес. Сакам да појаснам зошто – затоа што едните ја исплаќаат платата, а другите ја примаат. Тие треба да најдат заедничко решение“, кажа министерката.

 Во однос на јавниот долг и задолжувањата, Димитриеска-Кочоска нагласи дека за следната година се планирани 950 милиони евра задолжување, при што најголемиот дел од овие средства се наменети за рефинансирање на стара еврообврзница, а остатокот за финансирање на буџетскиот дефицит. Таа нагласи дека економијата бележи позитивен раст, а инфраструктурните проекти се видлив доказ за реални инвестиции и стабилност на финансиската политика.

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност