Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Димитриеска- Кочоска во Загреб: Интеграцијата на регионалните пазари на капитал значи поголем пристап до извори на финансирање, доверба и европски стандарди

Димитриеска- Кочоска во Загреб: Интеграцијата на регионалните пазари на капитал значи поголем пристап до извори на финансирање, доверба и европски стандарди

25 август 2025, Загреб - Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска учествуваше на панел-дискусија на министрите за финансии и економија и претставници на институции од земјите од Централна и Југоисточна Европа на тема „Зајакнување на националните пазари на капитал преку заеднички иницијативи и соработка“.

 Панел-дискусијата се одржа во рамки на иницијативата на Министерството за финансии на Хрватска за потпишување на Меморандумот за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал помеѓу Хрватска, Бугарија, Унгарија, РС Македонија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.

 Во своето излагање, министерката истакна дека клучниот бенефит за Македонија од оваа иницијатива може да се сумира во еден збор – пристап.

 „Силно верувам дека за две до три години ќе ги видиме бенефитите што ќе ги почувствуваат бизнис-секторот и нашите компании, а кои ќе произлезат токму од овој Меморандум. Доаѓам од приватниот сектор и добро знам колку е тешко една компанија да ја убеди банката дека нејзината идеја или иновација е доволно сериозна за да успее. Во такви услови, пазарот на капитал е единствениот начин компаниите побрзо да растат и да го реализираат својот потенцијал“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа потенцираше дека интеграцијата им обезбедува на нашите компании, особено на малите и средните претпријатија, кои се столб на нашата економија, поголем број инвеститори, различни извори на капитал и нови прекугранични партнерства.

„Нашиот домашен пазар е релативно мал и ограничен во ликвидноста. Затоа, преку оваа иницијатива ја отвораме вратата за многу поширок пазар и поголеми можности за финансирање. Но, тука не станува збор само за финансии, туку и за доверба и кредибилитет.

Со интеграцијата се доближуваме до европските стандарди, ја засилуваме транспарентноста, предвидливоста и довербата кај инвеститорите. Тоа е суштински предуслов за поголеми инвестиции“, нагласи министерката.Министерката истакна дека за една земја кандидат за членство во Европската Унија секој чекор кон усогласување на регулативата и продлабочување на соработката претставува и чекор поблиску до европската интеграција.

„Еден од нашите главни приоритети е да обезбедиме полесен пристап до финансирање за компаниите, особено за малите и средните претпријатија. Интеграцијата на регионалните пазари на капитал директно придонесува за исполнување на овој приоритет. Најважната задача што е пред нас, како влади и законодавци, е усогласувањето на регулаторното окружување“, истакна Димитриеска-Кочоска.

Со оваа иницијатива, како што заклучи министерката, регионот испраќа јасна порака дека е подготвен за соработка, заеднички развој и создавање поатрактивни и посилни пазари на капитал кои ќе работат во интерес на компаниите и инвеститорите.

 

 

 

Финансиска едукација

Финансиска едукација

Постави прашање

Постави прашање

Одлуки на финансиска инспекција

Одлуки на финансиска инспекција

Анкетен лист

Анкетен лист

Буџетски трошоци во изборен период

Предизборен финансиски извештај

Мени за пристапност