Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска одржа прес-конференција по повод една година од мандатот на Владата, насловена „Ги градиме темелите на промените. За твоето време што доаѓа“, на која ги презентираше клучните приоритети и постигнатите резултати на Министерството за финансии во изминатите 12 месеци.
Таа во своето обраќање истакна дека првата година од работењето била посветена на стабилизација на јавните финансии, зајакнување на економската активност и воведување структурални реформи кои создаваат одржлива и предвидлива фискална рамка.
„Владата, со јасен мандат од граѓаните, ја презеде одговорноста во момент на високи очекувања и ограничени ресурси. Финансиската слика што беше затекната покажа исцрпен фискален простор, значителен раст на јавниот долг, недоволна реализација на капитални инвестиции и разнишана доверба на пазарите. Првиот сериозен предизвик беше подготовката на ребаланс на Буџетот, и тоа веднаш по преземањето на функцијата, кој бараше итно и одговорно прилагодување на расходната страна и обезбедување ликвидност за тековно сервисирање на обврските и непречено функционирање на институциите“, рече Димитриеска-Кочоска.
Како што потенцираше, со ребалансот на Буџетот за 2024 година, Министерството за финансии предложи одговорен и развоен пристап, со пренасочување на средствата онаму каде што беа најпотребни – во здравството, образованието, за поддршка на стопанството и во капиталните проекти.
„Исправени беа значителни пропусти од претходниот буџет, меѓу кои и недоволно испланирани средства за законски предвидени права, заостанати обврски и недоволна поддршка за економијата. Притоа, беше реализирана редовна исплата на платите и пензиите, со усогласувањата согласно закон, а беше реализирано и ветувањето за линеарно зголемување на пензиите“, кажа министерката.
Истовремено, како што нотираше Димитриеска-Кочоска, беше подготвен и Буџетот за 2025 година, којшто е прв во новата концепција на фискална консолидација и економски развој. Буџетот за 2025 година носи посебен фокус на капитални инвестиции, на општински проекти, поддршка за приватниот сектор и стратешки насоки за забрзан економски раст.
„Во текот на изминатата година беше постигната значајна фискална консолидација. Оттаму, денес буџетскиот дефицит е намален, како и јавниот долг, и тоа за 36 милиони евра во однос на крајот на 2024 година, со намалување на неговото учество во БДП за 4,7 процентни поени. Тоа беше постигнато во услови кога државата успешно ја отплати еврообврзницата од 500 милиони евра, ги сервисираше обврските на домашниот пазар во висина од 10,7 милијарди денари, а воедно го намали и задолжувањето за 16,4% во споредба со истиот период лани. Економската активност, по години нестабилност, бележи континуиран раст. Три квартали по ред, стапката на раст изнесува околу 3%, што е над проекцијата. Забележан е раст од 2,8% во 2024 година, којшто ја надминува сопствената владина проекција од 2,1%. Важно е што растот не е концентриран само во една гранка, туку се забележува активност во индустријата, услугите, градежништвото и извозот. Истовремено, инфлацијата е значително намалена од 14% колку што изнесуваше на почетокот на 2023 година и е стабилизирана со тенденција на понатамошно намалување“, рече министерката во отчетот.
Во текот на изминатата година, Министерството за финансии преку Развојната банка обезбеди 250 милиони евра за поддршка на приватниот сектор, со активирање инвестиции во нови капацитети, опрема и работни места, со ефект од околу 300 милиони евра во инвестиции. Во исто време, за првпат во историјата, во Буџетот беа предвидени 250 милиони евра директна поддршка за општините, средства распределени за конкретни инфраструктурни проекти – водоводи, канализации, училишта, градинки и проекти за енергетска ефикасност.
„Во 2024 година, странските директни инвестиции достигнаа историски рекорд од 1,255 милијарди евра. Во првиот квартал од 2025 година веќе се реализирани инвестиции во износ од 135,8 милиони евра, со пораст на сопственички капитал и реинвестирана добивка за 17,4% во споредба со истиот период минатата година“, дополни министерката.
Таа посочи дека со серија мерки, Владата и Министерството за финансии ја зајакнаа конкурентноста на домашната индустрија – се намалија царинските стапки за 67 суровини и репроматеријали, а се либерализираше и увозот на стоки од САД како дел од унапредувањето на економската соработка со стратешките партнери. Македонија стана дел од СЕПА – областа за единствени плаќања во ЕУ, што значи дека граѓаните и компаниите ќе можат да вршат трансфери во 38 земји по исти услови како и во домашниот платен промет.
„Во текот на годината се спроведоа и сериозни структурни реформи. Започна имплементацијата на Законот за буџети со кој се воведува тригодишно буџетско планирање, а беше донесен и пакет од 17 подзаконски акти кои обезбедуваат ефикасно управување со јавните финансии. Македонија прва во регионот ги исполни условите за повлекување авансни средства од Планот на ЕУ за раст на Западен Балкан“, нагласи министерката.
Во делот на мерките за подобрување на животниот стандард, Димитриеска-Кочоска кажа дека изминатата година просечната плата се зголемила за повеќе од 10% и сега надминува 40.000 денари, а пензионерите имаат зголемување од просечно 5.000 денари на годишно ниво. Обезбеден е раст на платите во администрацијата, здравството, образованието и полицијата – 87.000 вработени добиле повисоки примања, што значи повеќе средства за многу домаќинства.
Во делот остварените реформи на Министерството за финансии, министерката посочи дека беше донесен Законот за глобален минимален корпоративен данок усогласен со европската директива, паралелно заживеа Академијата за јавни финансии како институција за континуирана едукација и професионализација на јавниот сектор, а Министерството за финансии за првпат ја доби улогата на претседавач со Управниот одбор на ЦЕФ – Центарот за извонредност во финансиите, што претставува признание за посветеноста на институцијата кон реформите и европските вредности.
Нагласи дека Министерството веќе не функционира како затворен круг, туку како сервис на граѓаните, со активна комуникација со стопанствениците, синдикатите, општините и меѓународните партнери. Потврдата за кредибилноста на економските политики дојде и од меѓународната агенција „Фич“, која во последниот извештај го потврди кредитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед.
На крајот министерката заклучи дека ова е само почеток.
„Во периодот што следи, фокусот ќе биде ставен на дигитализација на јавните финансии, проширување на даночната основа без зголемување на даноците, понатамошни измени на законската рамка, како и зајакната контрола и отчетност во користењето на јавните средства. Министерството за финансии ќе продолжи да работи разумно, транспарентно и домаќински, во насока на изградба на стабилна економија и функционални институции кои се во служба на граѓаните“, рече Димитриеска-Кочоска.