13 ноември 2025, Скопје – Министерството за финансии утре ќе изврши исплата на главницата и каматата за втората година од издадената втора емисија на граѓански обврзници. Средствата во износ од 17,6 милиони евра и каматата во износ од 880 илјади евра ќе бидат исплатени на сметките на граѓаните кои запишаа граѓански обврзници од оваа втора емисија.
Втората емисија на граѓански обврзници Министерството за финансии ја издаде на 7 ноември 2023 година со рок на достасување од 2 години и каматна стапка од 5% годишно. Каматата за првата година беше исплатена минатиот ноември, при што беше исплатен износ од 54.274.000 денари или 880 илјади евра.
Граѓанската обврзница како нов инструмент беше воведена во 2023 година со цел збогатување на понудата на нови инструменти за финансирање на финансискиот пазар и проширување на изворите на финансирање на економските политики.
Досега се издадени две емисии во вкупен износ од 41,1 милион евра. Во првата емисија беа запишани обврзници во износ од 23,5 милиони евра, додека во втората 17,6 милиони евра.
Имено, во Министерството за финансии во изминатиот период се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиските инструменти за инвестирање и веќе се работи на подготовка на нова емисија на граѓански обврзници.