27 август 2025, Скопје- Македонија е единствената земја што не е членка на Европската Унија, а сепак потпиша Меморандум за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал заедно со уште седум земји членки на ЕУ, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Дневникот на ТВ Сител.
„Тоа е еден од најзначајните исчекори што го направи Министерството за финансии во последниот период, особено затоа што е насочен кон приватниот сектор. Зошто е важно ова? Кога зборуваме за пазар на капитал обично се мисли на берзата како место за купопродажба на акции. Но, суштината на овој Меморандум е многу поголема – тој овозможува формирање пазар на кој ќе може да се тргува и со новоиздадени хартии од вредност - не само со акции туку и со обврзници. Тоа претставува огромна можност за македонските компании кои тешко обезбедуваат финансирање од банките – сега ќе имаат алтернатива да издадат сопствени обврзници или акции рече Димитриеска-Кочоска.
Како што појасни, во исто време се проширува и пазарот, односно хартиите од вредност на македонските компании ќе можат да ги купуваат и граѓаните од другите седум земји членки на ЕУ, а нашите граѓани ќе имаат можност да инвестираат во нивните компании.
„На тој начин се создава интегриран пазар на капитал – нешто што одамна функционира во САД, но во Европа сè уште е ограничено. Оваа иницијатива, што ја покрена Министерството за финансии на Хрватска, е навистина голем чекор за сите осум земји. Следува процес на усогласување на законите и правилниците и очекуваме за една до две години првите компании да започнат да издаваат хартии од вредност, а инвеститорите – и домашни и странски – да можат да инвестираат во нив“, потенцираше Димитриеска-Кочоска и дополни дека е горда што Македонија е дел од оваа иницијатива, бидејќи таа е, пред сè, насочена кон тоа да им помогне на компаниите полесно да дојдат до финансиски средства и притоа да создадеме подинамичен пазар на капитал.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска заедно со министрите за финансии и економија на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија во понеделникот во Загреб го потпишаа Меморандумот за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал.