12 август 2025, Скопје - Министерството за финансии, согласно одредбите од Изборниот законик, од денеска на својата веб-страница ќе ги објавува буџетските исплати во посебна база за буџетски трошоци во изборен период.
Имено, според одредбите од Изборниот законик Министерството за финансии, од денот на донесување на Одлуката за распишување на изборите до нивното завршување, има обврска во посебна база да ги објавува податоците за сите буџетски исплати, освен оние редовните за плати, пензии и комунални трошоци.
Исто така, две недели по распишување на изборите Министерството за финансии има обврска да поднесе и предизборен финансиски извештај во кој ќе биде опфатен преглед на сите планирани и реализирани приходи и расходи од Буџетот по ставки, во периодот од почетокот на фискалната година до денот на поднесување на извештајот којшто се објавува на веб-страницата на Министерството.
На 9 август 2025 година, претседателот на Собранието Африм Гаши ги распиша локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври.
Податоците ќе се објавуваат на следниот линк: https://finance.gov.mk/mk-MK/oblasti/budzetski-trosoci-vo-izboren-period