22 јуни 2025, Скопје - Собранието денеска го усвои Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2025 година, што претставува одраз на одговорно и флексибилно управување со јавните финансии во услови на динамични економски предизвици.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изрази благодарност до пратениците за конструктивната расправа, која уште еднаш покажа дека сите работиме во интерес на граѓаните и за стабилноста на економијата.
„Ребалансот не е само техничка корекција, туку и резултат на анализа на тековните економски движења и прилагодување на приоритетите“, кажа министерката.
Со усвојувањето на ребалансот се овозможува реалокација на средства помеѓу буџетските корисници во согласност со актуелните приоритети, како и дополнително финансирање на проектите кои имаат забрзана динамика на реализација и носат значајни придобивки за развојот на земјата. Во оваа насока, обезбедени се дополнителни средства за следните области: животна средина, енергетика, култура, образование и здравство, со посебен акцент на набавка на инсулин и медицинска опрема.
Исто така, преку ребалансот се обезбедуваат и средства за зголемување на платите на вработените во Министерството за внатрешни работи, како и средства за исплата на зголемените пензии преку Фондот на ПИОМ. Министерката истакна дека економската проекција за раст останува на 3,7%, што се темели на досегашните остварувања и се очекува да биде поддржана од инвестициите, кои се главен двигател на економијата.
Ребалансот ја потврдува и заложбата за стабилност на домашната економија со поддршка на домашните компании преку евтини кредити, реализација на општински инфраструктурни проекти, како и имплементација на инвестициски циклуси и проекти со стратешките партнери, како на билатерално така и на мултилатерално ниво.
Во состав на ребалансот предвидени се дополнителни 800 милиони денари за зголемување плати, 2,5 милијарди денари за исплата на зголемени пензии и нови 300 милиони денари за капитални проекти. Исто така, вклучени се и амандманите усвоени во Комисијата за финансирање и буџет, со кои се обезбедуваат дополнителни средства за инфраструктурни проекти, социјални надоместоци и образовни програми.
Станува збор за дополнителни 6 милиони денари во буџетот на Министерството за транспорт за проектна документација за нова сообраќајница во Општина Куманово, дополнителни 50 милиони денари во буџетот на Министерството за социјална политика, демографија и млади наменети за исплата на социјални надоместоци, како и 5 милиони денари во буџетот на Министерството за образование и наука за Универзитетот „Гоце Делчев“.
„Секоја ставка во овој ребаланс е заснована на реална потреба и на анализа на ефектите. Тоа не се трошоци туку инвестиции во општествена стабилност, човечки капитал и инфраструктура“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Министерката посочи дека инфлацијата и ценовните притисоци остануваат сериозен предизвик, но дека државата одговорила со јасни и навремени мерки.
„Во услови на инфлаторен удар, не заостанавме со ниту една обврска кон граѓаните. Пензиите, платите и социјалните трансфери се исплаќаат навремено. Тоа е одговорност, не популизам“, нагласи таа.
Во однос на обвинувањата за „предизборен поткуп“, министерката истакна дека ребалансот е дел од редовна фискална постапка која одговара на реалната економска слика.
„Во делот на приходите, токму преку подобрена наплата, зајакната фискална дисциплина и подобрување на јавниот финансиски менаџмент, ние успеваме да обезбедиме средства и за развој и за социјална поддршка. И најпосле – не, со ребалансот нема да се финансираат кампањи. Ќе се финансираат проекти. Ќе се финансираат болници, училишта, патишта, градинки. Ќе се финансира развој“, рече министерката.
Таа порача дека државата не смее да биде ставена „во мирување“ поради политички калкулации и додаде дека е важно да се зборува со факти и визија, а не со сензационализми.
„Да направиме разлика помеѓу расипничка потрошувачка и стратешки јавни инвестиции. Секој денар во Буџетот има своја функција – за здравство, за образование, за социјална заштита, за локален развој. Тоа не се трошоци – тоа се чекори кон подобро утре“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Во делот на задолжувањето, министерката потенцираше дека се работи за одговорно задолжување на домашниот пазар, со поволни услови, насочено исклучиво кон развојни проекти и капитални расходи. Таа нагласи дека јавниот долг е стабилизиран и управуван согласно фискалната стратегија, а сите обврски се сервисираат навремено.
„Овој ребаланс е изработен со фокус на реалноста, на граѓаните, на потребите на економијата. Тој е дел од визијата за развој, а не за застој. Тој не е совршен, но е нужен, искрен и одговорен обид да се управува со јавните финансии во една предизвикувачка година“, заклучи министерката Димитриеска-Кочоска.