29 април 2026, Скопје - Во Министерството за финансии, денеска се одржа обука на тема „Доставување на месечни податоци за состојбата на долгот на јавните претпријатија и трговски друштва во доминантна сопственост на државата“, организирана од Секторот Академија за јавни финансии.
Обуката беше наменета за вработени во јавните претпријатија и трговски друштва во доминантна сопственост на државата коишто се вклучени во процесите на известување за задолжувањето, со цел унапредување на нивните знаења и практични вештини за правилно изготвување на амортизациски планови и точно пополнување на Образецот М1 – месечен извештај за промените на секое задолжување на носителите на јавниот долг.
Обуката беше имплементирана од експерт од Сектор за управување со јавен долг, кој преку интерактивен пристап, теоретски осврт и практични примери овозможи продлабочено разбирање на законската рамка и процедурите поврзани со известувањето за јавниот долг. Посебен акцент беше ставен на правилното пополнување на податоците во Образецот М1 и на избегнување на најчестите грешки во пракса.
Дополнително, учесниците имаа можност да разменат искуства и да дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат при подготовка и доставување на податоците за задолжувањето. Преку практична работа и заедничка анализа беа идентификувани добри практики за унапредување на точноста и навременоста на известувањето.
Настанот придонесе кон подобрување на квалитетот на податоците за јавниот долг и зајакнување на институционалната координација во процесот на известување.
Имајќи ја предвид важноста на оваа тема и интересот од страна на институциите, Секторот Академија за јавни финансии ќе продолжи со организирање на вакви обуки и во наредниот период, со цел континуирано унапредување на знаењата и практиките во оваа област.