23 април 2026, Скопје - Во организација на Секторот Академија за јавни финансии денеска во Министерството за финансии се одржа обука на тема „Управување со ризици“.
Обуката беше наменета за вработени од јавниот сектор коишто активно учествуваат во процесите на идентификација, анализа и управување со ризици во рамките на своите институции. Истата имаше за цел унапредување на знаењата и вештините преку примена на практични пристапи и методи за поефикасно управување со ризиците и подобрување на процесите на донесување одлуки.
Обуката беше имплементирана од експерти во областа - вработени од Секторот за централна хармонизација на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор при Министерството за финансии, кои преку интерактивен пристап и практични примери овозможија продлабочено разбирање на клучните концепти поврзани со управувањето со ризици.
Дополнително, учесниците имаа можност да разменат искуства од своите институции и да дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат во практичната примена на процесите за управување со ризици. Преку активна интеракција и работа на примери од реални ситуации, беа идентификувани добри практики и можности за унапредување на постојните пристапи.
Обуката беше оценета како особено корисна за јакнење на свесноста за значењето на навременото препознавање и управување со ризиците, како клучен елемент за ефикасно и одговорно управување во јавниот сектор.
Настанот придонесе за зајакнување на институционалните капацитети во областа на управување со ризици и унапредување на примената на систематски пристапи во работата на институциите од јавниот сектор.
Имајќи ја предвид зголемената потреба од систематско и стандардизирано управување со ризици во институциите од јавниот сектор, оваа обука претставува одговор на јасно изразените барања од институциите за зајакнување на капацитетите во оваа област. Со оглед на високата релевантност на темата и интересот од страна на институциите, Секторот Академија за јавни финансии во соработка со Секторот за централна хармонизација на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор ќе продолжи со нејзино повторно организирање во наредниот период, со цел да се овозможи опфат на што поголем број вработени и постојано унапредување на практиките за управување со ризици.