6 октомври 2026, Скопје – Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, учествуваше на регионалниот форум на тема „Повеќе од исполнување регулаторни обврски: финансиското известување во функција на раст и отворање нови работни места“, организиран во рамки на програмата REPARIS for SMEs, која ја имплементира Центарот за реформа на финансиското известување (CFRR) на Светска банка.
Во рамки на воведната панел-дискусија, посветена на значењето на финансиското известување за економскиот раст и отворањето нови работни места, Јанкуловски ја истакна посветеноста на Владата и Министерството за финансии кон доследна примена на меѓународните стандарди за финансиско известување и понатамошно унапредување на законската и институционалната рамка во областа на сметководството и ревизијата.
„Квалитетното финансиско известување не претставува само исполнување на регулаторните обврски, туку значаен инструмент за зајакнување на довербата кај инвеститорите, подобрување на корпоративното управување и создавање поповолни услови за инвестиции, пристап до финансии и економски раст“, истакна Јанкуловски.
Тој посочи дека приоритет на Министерството за финансии е преминот од законско усогласување кон ефективна примена на меѓународните стандарди, преку јакнење на институционалните капацитети, унапредување на професионалните компетенции и зајакнување на механизмите за надзор и контрола.
Посебно внимание беше посветено на финансиската транспарентност и корпоративното управување кај претпријатијата во државна сопственост, кои треба да претставуваат пример за отчетно, одговорно и ефикасно управување со јавните ресурси.
„Веродостојните, споредливи и навремени финансиски информации се предуслов за подобри инвестициски одлуки и поефикасна распределба на капиталот. Нашата цел е да изградиме систем во кој финансиското известување ќе создава реална економска вредност, особено преку поддршка на малите и средните претпријатија и мобилизација на приватниот капитал“, нагласи заменик-министерот.
Форумот претставуваше можност за размена на искуства и добри меѓународни практики меѓу претставници на владите, меѓународните финансиски институции, регулаторните тела и професионалната заедница, со фокус на улогата на современото финансиско известување во подобрувањето на инвестициската клима и поттикнувањето на одржлив економски развој.