17 декември 2025, Скопје – Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски учествуваше на Научна конференција „Иновативни решенија за намалување на сивата економија и социјалната нееднаквост“, организирана во рамки на научно-истражувачки проект финансиран од Министерството за образование и наука.
Во обраќањето на Конференцијата тој се осврна на улогата на фискалната политика, даночната регулатива и институционалната координација како клучни алатки за сузбивање на сивата економија и зајакнување на социјалната праведност.
„Сивата економија не се сведува исклучиво на прашањето на неплатени даноци. Таа претставува директен извор на социјална нееднаквост, нелојална конкуренција и нарушување на довербата во институциите. Кога значаен дел од економските активности се одвиваат надвор од формалните текови, фискалниот и социјалниот товар не исчезнува туку се префрла врз оние субјекти и граѓани кои уредно ги исполнуваат своите законски обврски“, рече заменик -министерот за финансии.
Истакнувајќи дека сивата економија најдиректно ги погодува најранливите категории граѓани и го поткопува принципот на правичност, Јанкуловски рече дека намалувањето на сивата економијата не е изолирана мерка во Програмата на Владата туку дел од сеопфатен и системски пристап кој ги интегрира: стабилноста на јавните финансии, дигиталната трансформација на институциите, создавањето фер и предвидливо деловно окружување и остварувањето инклузивен и одржлив економски раст.
Конференцијата претставуваше одлична можност за размена на идеи помеѓу институциите, академската заедница и релевантните чинители со цел креирање одржливи и применливи решенија базирани на анализи и докази.