11 ноември 2025, Скопје – Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски денеска учествуваше на конференцијата „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“, посветена на дваесетгодишниот јубилеј од пензиската реформа во РС Македонија, на која истакна дека станува збор за одбележување јубилеј на пензиската реформа којашто ја постави основата за градење стабилен и одржлив пензиски систем во државата.
„Пензискиот систем во Македонија помина низ неколку клучни фази. Со воведувањето на вториот задолжителен и третиот доброволен столб, граѓаните добија можност за активно учество во сопственото пензиско планирање. Вака поставениот систем значајно придонесе кон финансиската сигурност и стабилност, овозможувајќи диверзификација на приходите и оплодување на заштедите“, нагласи Јанкуловски.
Тој додаде дека Министерството за финансии внимателно ја следи реформата и преку Буџетот обезбедува редовна и навремена исплата на пензиите, со континуирана поддршка на стандардот на пензионерите.
„Со обезбедените средства во буџетите за 2025 и 2026 година предвидена е целосна исплата на пензиите и на зголемувањата од 5000 денари, како и на дополнителните 1000 денари што му беа исплатени на секој пензионер во септември оваа година. Почетокот на исплатата на првите пензии од вториот столб ќе биде значаен чекор кон одржливост и намалување на притисокот врз државниот фонд“, потенцираше тој.
Јанкуловски подвлече дека визијата на Министерството е надградување и приспособување на системот кон новите демографски и економски предизвици со цел секој граѓанин да има право на сигурна старост.
„Тоа е нашата заедничка одговорност и визија за иднината“, додаде заменик-министерот.
Јанкуловски го поздрави формирањето на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови, што претставува уште еден чекор кон јакнење на дијалогот и соработката помеѓу сите чинители во пензискиот систем.
Конференцијата, на која учествуваа претставници на институции, бизнис-секторот и експерти од областа на пензиското осигурување, отвора пат за нови идеи, визии и дијалог за иднината на одржливиот и стабилен пензиски систем во РС Македонија.