12 септември 2025, Скопје – Петнаесет милиони евра дополнителни средства се обезбедуваат од Меѓународната банка за обнова и развој за унапредување на основното образование. Денеска во Собранието беше усвоен Законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за дополнително финансирање на Проектот за унапредување на основното образование, а кој е предуслов за потпишување на Договорот за заем.
Целта на Проектот е подобрување на учењето на ниво на училиште, реформа на следењето и оценувањето на националниот напредок во учењето, подобрување на компетенциите на наставниците, на мултидисциплинарните тимови за поддршка и на раководителите на училиштата, како и управување со секторот, управување со проектот, следење и оценување.
Согласно предложениот Закон, заемот се доделува со рок на отплата од 12 години со вклучен грејс период од 3 години и каматна стапка шестмесечен Еурибор со варијабилен распон. Станува збор за дополнително финансирање во рамки на Проектот за унапредување на основното образование, којшто го имплементира Министерството за образование и наука и за кој беа одобрени 21,5 милиони евра, а досега се повлечени 94,3% од одобрените средства. Проектот за унапредување на основното образование беше подготвен во рамки на Стратегијата за партнерство на нашата земја со СБ за периодот 2019 – 2023 година.