19 мај 2026, Скопје - Секторот Академија за јавни финансии при Министерството за финансии, денеска организираше обука на тема „Управување со ризици“ наменета за раководните службеници во Министерството за финансии.
Обуката беше реализирана со цел унапредување на знаењата на вработените во Министерството за финансии за процесот на управување со ризици, како и зајакнување на нивната улога во воспоставувањето и примената на системот на внатрешни финансиски контроли во јавниот сектор.
На обуката присуствуваше и државниот секретар во Министерството за финансии, д-р Андриана Матлиоска, која ја истакна важноста на системскиот пристап во управувањето со ризици и континуираното јакнење на институционалниот капацитет.

Во рамки на обуката беа обработени повеќе значајни теми, меѓу кои:
· методолошките аспекти на управувањето со ризици;
· поврзаноста на управувањето со ризици со стратешкото планирање и раководната отчетност;
· практични примери и добра пракса во процесот на управување со ризици;
· новините во законската регулатива и клучните аспекти на внатрешните финансиски контроли во јавниот сектор;
· задачите и одговорностите на учесниците во процесот на управување со ризици.
Обуката ја водеше д-р Мите Митевски, раководител на Секторот за централна хармонизација на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој преку практични примери и интерактивна дискусија ги доближи клучните аспекти на современото управување со ризици.
Учесниците имаа можност активно да се вклучат во дискусијата, да разменат искуства и да добијат одговори на прашања поврзани со примената на системот за управување со ризици во секојдневното работење.
Министерството за финансии и понатаму ќе продолжи со организирање на стручни обуки и активности насочени кон јакнење на капацитетите на јавната администрација и унапредување на системот на јавни финансии.