10 септември 2026, Скопје - Министерството за финансии, преку Академијата за јавни финансии, денеска организираше обука на тема „Буџетски циркулар“, насочена кон зајакнување на капацитетите на буџетските корисници и унапредување на процесот на подготовка на буџетот.
Обуката беше наменета за претставници на институциите кои се вклучени во процесот на буџетско планирање. Целта беше учесниците да добијат јасни и практични насоки за подготовка на буџетските предлози и правилна примена на Буџетскиот циркулар.
Во рамките на обуката беа презентирани клучните елементи на Буџетскиот циркулар, вклучително макроекономските претпоставки, стратешките приоритети и максималните износи на расходи, како основа за реално и одржливо буџетско планирање.
Посебно внимание беше посветено на насоките и упатствата за пополнување на Буџетскиот циркулар, како и на практичните аспекти при пополнувањето на соодветните обрасци. Преку конкретни насоки, учесниците имаа можност подетално да се запознаат со чекорите и начинот на подготовка на потребната документација.
На обуката беа опфатени и насоките за пополнување на Образецот за концепт на проект и Образецот за фискалниот ефект кој произлегува од Реформската агенда, со цел подобро разбирање на фискалните импликации и правилното планирање на проектите и реформските активности.
Во завршниот дел од обуката беше одржана дискусија и сесија за прашања и одговори, преку која учесниците имаа можност да ги разјаснат практичните прашања и предизвици со кои се соочуваат во процесот на буџетско планирање.
Со ваквите активности, Министерството за финансии продолжува со унапредување на знаењата и стручните капацитети на институциите, придонесувајќи кон поквалитетно буџетско планирање, поефикасно управување со јавните средства и поголема одговорност и транспарентност во управувањето со јавните финансии.