Добровечер почитувани бизнисмени,

Чест ми е што вечерва сум со вас, стопанственици од Прилеп и прилепскиот регион.

Секогаш ме радуваат ваквите средби кои се одлична можност да размениме мислења, да дискутираме предлози и да решаваме проблеми. Впрочем, тоа е и целта на партнерскиот однос што заеднички го градевме во изминатиов период.

Дозволете, да ги споделам со вас позитивните ефекти од досегашните наши активности за подобра бизнис клима и повеќе инвестиции.

Владата, со ваша поддршка, во изминатиов период значително ги подобри условите за работа и придонесе за проширување на вашите бизниси.

Успесите на македонските фирми, значат и успех за македонската економија, за повеќе вработувања, за поквалитетно образование.

Владата знае да ги вреднува вашите резултати. Затоа, преку Управата за јавни приходи за прв пат го реализираме Проектот за доделување на златни картички за поврат на ДДВ на големите и редовни даночни плаќачи.

Фирмите на кои им доделуваме златни картички ги исполнија сите поставени услови:

  1. Да се месечни ДДВ обврзници;
  2. Да имаат поднесено најмалку една ДДВ пријава со искажано барање за враќање во текот на 2007 година;
  3. Да имаат добиено најмногу до 15 бодови согласно степенот на користење на електронските даночни услуги, да се редовни во поднесувањето на даночните пријави, да имаат низок степен на исправки на даночни пријави и солидни резултати од надворешната контрола.

 

Владата, преку УЈП започна да гради партнерски однос со даночните обврзници. Од строго контролен орган, УЈП денес е сервисно ориентирана служба, која работи на максимално олеснување на постапките и намалување на времето за плаќање данок. Повратот на ДДВ, денес се врши во законски предвидениот рок од 15 до 30 дена, дури и порано од тоа. Притоа, во 2007 година УЈП изврши поврат на ДДВ во износ од 8,3 милијарди денари, што е за 45% повеќе во споредба со 2006 година. Ова, во голема мера ја подобри ликвидноста на фирмите и ваквиот тренд ќе продолжи во иднина.

Истовремено, работиме и на олеснување на даночните постапки за малите и средни претпријатија. Во Прилеп, ќе отвориме посебна канцеларија за мали и средни даночни обврзници.

 

Почитувани стопанственици,

2007 беше година на македонската економија. Заеднички остваривме највисок економски раст од 5,1%, највисок извоз од 40%, ја имплементиравме Регулаторната гилотина и реформите во катастарот и ги олеснивме царинските постапки. Во 2007 регистриравме највисоки домашни и странски инвестиции и добивме признание за најдобри реформи за бизнис климата, во светот.

Во наредниот период дополнително ќе работиме на подобрување на конкурентноста на фирмите преку намалување на придонесите за пензиско и здравствено осигурување и вработување за 1/3, односно за цели 10 процентни поени. Понатаму, на барање на бизнис заедницата ќе воведеме систем на бруто плата, ќе извршиме хармонизација на основиците и ќе ја интегрираме наплатата на персоналниот данок на доход и придонесите во УЈП.

Заедно со стопанските комори ќе го помогнеме стручното усовршување на македонските менаџери во странски компании преку формирање Академија на менаџери.  Истовремено, ќе формираме мини бизнис асоцијации во повеќе региони низ Македонија, меѓу кои и Прилеп, заради олеснет пристап до информации, заеднички настап на странски пазари и саемско претставување на малите фирми.

Ова се само дел од мерките кои директно ќе придонесат за намалување на оперативните трошоци и ќе отворат можности за нови работни места и нови инвестиции.

На крајот, би сакал да ве уверам, дека периодот што следи ќе биде период на економска преродба на Македонија од кој придобивки ќе имаме сите ние, а најмногу фирмите, големите, средните и малите и граѓаните.

Ви благодарам.

Comments are closed.