17 октомври 2015, Скопје – Денес вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, во присуство на министерот за труд и социјала Диме Спасов и вработени во Министерството за финансии и нивните деца, ја отвори градинката на Министерството за финансии „Мини фини буџетчиња“.
Градинката ќе ја посетуваат децата на вработените од Министерството и тоа е прва градинка отворена и наменета за вработени од државна институција во земјава.
Како што истакна вицепремиерот Ставрески, идејата за градинка за децата на вработените дошла од неговото работно искуство во Светска банка. Во западните земји отворањето градинки за вработените во институциите и фирмите е практика и е дел од стратегијата за човечки ресурси.
– Луѓето кои работат во Министерството за финансии се највредниот ресурс на нашата институција. Децата, пак, се највредното нешто кое го имаме. Кога се тие згрижени и добри, работата полесно се работи. Како што истакнал големиот писател Достоевски, кога сме меѓу деца душата ни е мирна – рече вицепремиерот Ставрески.
Градинката има капацитет од 40 деца. Опремена е со најсовремени реквизити, а менито го планира нутриционист во насока на здрава исхрана. Вкупната инвестиција изнесува 5,6 милиони денари.