Вести|

28 септември 2021, Скопје – Препораките за забрзување на растот, фискална консолидација на среден рок, добро владеење и социјална кохезија, развој на човечкиот капитал, намалување на неформалната економија и др., а кои произлегоа од Конференцијата што Министерството за финансии ја организираше на почетокот на овој месец, во рамки на „Економскиот и финансиски форум (СЕФФ)“, денеска, на редовна седница, беа усвоени од Владата.

Меѓу поважните пораки е онаа дека закрепнувањето треба да се поврзе со три други предизвици: дигитална економија, зелена економија и инклузивен просперитет. На среден рок, акцентот треба да се стави на: (1) инвестиции во човечки капитал коишто обезбедуваат подобри вештини, придонесуваат за подобрена продуктивност и забрзан економски раст и ја намалуваат сиромаштијата и нееднаквоста; (2) зголемување на капацитетот на здравствениот систем и на стапката на вакцинација; (3) структурни, институционални и фискални реформи (градење кредибилна фискална политика којашто ќе обезбеди фискална консолидација и резерви (бафери) за справување со идните предизвици и кризи). Исто така, беше препорачано и зголемување на капиталните расходи во јавниот сектор (инфраструктура, поддршка на дигитална трансформација и зелен раст), придружено со механизам за контрола што ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на инвестициските проекти.

Преку размена на искуства со владини претставници од земјава и регионот, претставници на меѓународни финансиски институции, бизнис-секторот и невладините организации, беа дизајнирани важни поенти што ќе бидат искористени при креирањето на политиките. Во рамки на СЕФФ, кој прераснува во форум за размена на идеи, препораките беа комуницирани и со бизнис-заедницата, со која се одржува континуирана комуникација заради креирање подобро деловно окружување.

Препораките од Конференцијата, коишто се усвоени од Владата, ќе се вградат во Планот за финансирање на заздравувањето и забрзување на економскиот раст, којшто е во завршна фаза на подготовка во Министерството за финансии. Исто така, стратешки документи коишто се значајни и треба да се финализираат до крајот на годината, и воедно се во контекст на Буџетот на РС Македонија за 2022 година, се: Програмата за економски реформи, Стратегијата за управување со јавниот долг, Стратегијата за реформи на даночниот систем, Фискалната стратегија, планот за понатамошен развој на фискалната децентрализација, Акцискиот план за намалување на неформалната економија, Планот за управување со јавниот капитал итн.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *