Вести, Интервјуа|

17 јуни 2023, Скопје – Проспектот за првата аукција на граѓански обврзници ќе се објави до крајот на овој месец со што овој нов финансиски инструмент ќе стане достапен за граѓаните. Постапката за купување на обврзниците ќе биде едноставна и ќе се одвива преку експозитурите на банките каде што ќе се поднесуваат барањата.

Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во интервјуто за „Фактор“, додавајќи дека има голем интерес од страна на граѓаните по најавата оза издавање граѓански обврзници.

„Поентата на граѓанските обврзници не е државата да собере пари. Државата веќе две децении одржува аукции на државни хартии од вредност на домашниот пазар и морам да нагласам дека изминатите години постојано има огромен интерес од страна на институционалните инвеститори (банки и фондови). Поентата е да се понудат нови можности на граѓаните за инвестирање на финансискиот пазар, можности коишто се вообичаени во повеќето економии во светот. Задоволен сум со големиот интерес од страна на граѓаните откако беше најавено издавањето на граѓанските обврзници. Верувам дека со отворањето нови можности за инвестирање, напоредно со јакнењето на финансиската едукација на населението, ќе се подигне општата свест за доброто управување со заштедите и можностите за заработка од нив“, истакна министерот.

Тој додаде дека граѓаните кои ќе ги инвестираат своите расположливи средства во граѓански обврзници ќе добијат надоместок, односно атрактивна камата, која ќе биде позната со објавување на Проспектот за аукцијата.

„Со овој нов финансиски инструмент граѓаните добиваат сигурност, бидејќи државните обврзници, секаде во светот, се сметаат за безризична инвестиција. Инструментот го издава државата,  а притоа граѓаните ги штитат своите средства од ефектите на инфлацијата.  Обврзниците имаат купонска камата, што значи дека секоја година на вложената сума ќе биде исплаќана договорената камата, додека на истекот на рокот се враќа и вложената главнина, односно износот што ќе го уплатат граѓаните. Граѓанската обврзница ќе биде со рочност од две години“, посочува министерот Бесими.

Потенцира дека обврзниците се финансиски инструменти што постојат во скоро сите економии и тие не се супститут ниту за штедни влогови, ниту за инвестиции во други хартии од вредност, како што се акции и удели во инвестициски фондови.

„Граѓанската обврзница нема за цел да го замени, туку да го дополни релативно едноставното инвестициско милје во нашата земја. Прва лекција за инвеститорите е „не ги ставај сите јајца во иста кошничка – изгради портфолио“. Ние го дополнуваме портфолиото со можност за безризична инвестиција“, рече министерот Бесими.

Оваа вест е достапна и на: Albanian English

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *